Шпанскиот „АС“ пишува дека во Формула 1 (Ф1) се подготвува голема „бомба“. Тоа се однесува на најавите дека Британецот Луис Хамилтон (39) се договорил со Ферари и оти треба само да се финализира договорот.
Деталите за трансферот допрва следуваат, но АС тврди дека седумкратниот светски шампион, речиси сигурно ќе го вози црвениот болид од следната сезона.
Во Мерцедес и во Феради одбиваат било што да коментираат на оваа тема.
По две години без победнички болид, Хамилтон ќе го напушти Мерцедес во обид да стигне до рекордната осма титула и да го престигне Михаел Шумахер кој исто така има седум титули.
Тоа би требало да биде совршена комбинација за Ферари, кој титулата меѓу возачите ја чека од 2007-та, а тимската од 2008 година. Во Хамилтон тие гледаат возач кој заедно со Шарл Леклер ќе ги врати на врвот.
Што се однесува до Карлос Саинс, неговиот сон да стане светски шампион со Ферари, по се’ изгледа, нема да се оствари. Останува само да се види каде тој ќе ја продолжи кариерата.
АС шпекулира дека потенцијални дестинации би можеле да бидат Ауди, Мерцедес или Астон Мартин.