Миовски остана без менаџер: Абердин го отпушти Робсон

Шкотскиот Премиер лигаш Абердин, тимот за кој настапува македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, по само девет месеци му даде отказ на менаџерот Бери Робсон.

Тоа уследи по синоќешниот меч Абердин – Данди, 1:1, на кој голот за домашниот тим го даде Миовски во 31 минута од пенал.

По третиот натпревар по ред на кој неговата екипа не забележа победа, Робсон рече дека „за мене нема паника“. Но, Абердин кој моментално е осми на табелата меѓу 12 тима, со 24 бода, одлучи поинаку, да го побара четвртиот менаџер во последните три години.

– Иако беше тешка одлука, сметаме дека промената е неопходна и во најдобар интерес на Абердин. Бери заслужи да биде менаџер на Абердин и го знаеше високото ниво на очекувања кога ја презеде таа функција, изјави претседателот на клубот, Дејвид Кормак.

Робсон (45) потпиша двегодишен договор лани во мај за неговата прва менаџерска функција. Абрдин под негово водство победи на девет од  првите 15 натпревари и го освои третото место во лигата со што обезбеди пласман во еврокуповите.

Сезонава Абердин победи на само шест од 21 натпревар во Премиер лигата. Во Лигата на конференции заврши на третото место во групата, зад ПАОК и Ајнтрахт Франкфурт, со една победа и три нерешени резултати.

Робсон редовно се жалеше за згуснатиот распоред на натпревари како причина за лошите резултати во лигата. Но неговиот тим стигне до финалето на Лига купот, губејќи од Ренџерс (0:1) на стадионот „Хемпден“.

Робсон одигра 17 меча за Шкотска, а играчката кариера ја заврши во Абердин, освојувајќи го Лига купот во 2014 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО