Рома се подготвува да му врачи отказ на Мурињо – на негово место доаѓа неискусна клупска легенда

Сопствениците на Рома се незадоволни од играта и резултатите на тимот под водство на Жозе Мурињо и се подготвени да му врачат отказ, пренесуваат италијанските медиуми.

„Спортмедиасет“ веќе го споменува името на очекуваниот наследник на Португалецот на клупата на „волчицата“.

Станува збор за една од живите легенди на римскиот клуб – Даниеле де Роси.

По поразот во Купот од градскиот ривал Лацио (1:0), Рома беше поразена и од Милан (3:1) во последното коло од Серија А. Нејзината моментална позиција на табелата Калчото, деветтата позиција, не и гарантира излез во Европа следната сезона.

Она што е особено поразително за сопствениците на клубот е настапот на Рома против тимовите кои се борат за местата кои носат излез во Европа.

Од 24 можни бода од натпреварите со нив, Рома освои само шест, па заостанува три бода зад шестопласираната Болоња, а пред „волчицата“ се екипите на Наполи и Аталанта кои исто така играат под очекувањата.

Де Роси играше за Рома од 2001 до 2019 година и заедно со Франческо Тоти е најголемата легенда на клубот од овој век, па дури и подолго.

За „волчицата“ одигра вкупно 616 натпревари на кои постигна 63 погодоци и асистираше за 60 гола.

Беше дел од репрезентацијата на Италија која ја освои титулата светски првак на Светското првенство во Германија во 2006 година.

Тој е само на почетокот на својата тренерска кариера, која ја започна есента 2022 година во второлигашкиот клуб СПАЛ, кој го отпушти веќе во февруари минатата година по само три победи и осум порази во 17 натпревари.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО