Звезда не успеа во Блауграна, плејофот сведен на теорија

Црвена Звезда го претрпе шестиот пораз во последните седум меча во сите натпреварувања и остана само теоретски шанси за пласман во плејофот од Евролигата.

Српскиот и АБА шампион загуби на гостувањето кај Барселона со 79-85, а теоријата ја има на своја страна само затоа што четири од последните пет натпревари во елитното натпреварување игра на домашен терен. На пет кола пред крајот, Звезда заостанува три победи зад осмопласираната, но се наоѓа на 14. позиција што значи дека треба да се погодат еден куп резултати за токму белградскиот тим да се најде во топ-8.

Реално, Звезда вечерва одигра еден од подобрите натпревари последниот месец, но ни тоа не беше доволно да дојде до победа. На нешто повеќе од две минути пред крајот имаше само два поена негатива (73-75) и напад, но место Лазаревиќ да погоди зицер и да израмни, тој промаши од непосредна близина за на спротивната страна Јокубаитис да постигне кош со фаул и со вкупно три поени да ја однесе Барселона на 78-73. Кампацо во следниот напад погоди тројка, но Јокубаитис и потоа Калиниќ со тројка се изборија за 83-76 за домашниот тим на 50 секунди пред крајот со што беше ставена точка на сите надежи на Звезда.

Барселона со овој триумф се врати на третото место на табелата и е на само една победа од обезбедување пласман во плејофот.

РЕЗУЛТАТИ, ЕВРОЛИГА – 29. КОЛО
Барселона – Црвена Звезда 85-79
Баерн – Алба 75-76
Анадолу Ефес – Партизан 84-97
Монако – Виртус 81-68
Жалгирис – Олимпијакос 72-74
Макаби – Басконија 93-79
Валенсија – Фенербахче 82-80
Реал – Милано 91-87
Асвел – Панатинаикос 82-86