Зимската Олимпијада се враќа во Сараево и тоа како дел од ЗОИ во Барселона?!

Пред два месеци беа одбележани 37 години од Зимските олимписки игри кои беа одржани во Сараево во 1984 година.

Главниот град на Босна и Херцеговина тогаш беше центарот на светската јавност, а Олимпијадата беше фантастична промоција за градот и за целата некогашна заедничка држава. Од година во година се одбележуваат годишниците на Олимпијадата, постарите со носталгија се присетуваат на убавите времиња, но малку работи се направени за повторно да оживее олимпискиот дух на падините на Бјелашница, Јахорина, Игман и Требевиќ.

Голем број места каде се одржуваа натпреварувањата во 1984 година се уништени во крвавата војна, а само многу мал дел од нив се обновени.

Меѓутоа, се чини дека олимпискиот дух повторно би можел да се врати во Сараево. Градоначалничката на главниот град на БиХ денеска соопшти дека Сараево повторно би можело да биде центарот на светот, односно Зимските олимписки игри повторно би можеле да бидат одржани во Сараево.

Имено, еден од кандидатите за домаќинство на Зимските олимписки игри во 2030 година е градот Барселона која во својата кандидатура искажа интерес одредени олимписки борилишта да се најдат во Сараево во рамките на Олимписките игри.

„Денес одржав работен состанок со претставникот на Шпанија во БиХ, Жорди Лоренс и претставникот на владата на Каталонија, Ерик Хаук кој е задолжен за процесот за кандидатурата. Градот Сараево ќе работи на овој проект заедно со Олимпискиот комитет на БиХ и сите други нивоа на власт во БиХ, бидејќи ова е единствена шанса за враќање на Олимпијадата во Сараево“.

Зимските олимписки игри во 1984 година се одржани во Сараево од 8 до 19 февруари, а на истите настапија 1.272 натпреварувачи од 49 земји во шест спортови.