Зидан и ПСЖ се во сериозни преговори, Парижаните прифатиле и чудна клаузула

Откако Оле Гунар Солскјер доби отказ во Манчестер Јунајтед, фудбалската јавност со денови шпекулира кој би можел да го наследи норвешкиот тренер на „Олд Трафорд“.

Управата на Јунајтед му ја понудила функцијата на Зинедин Зидан, кој е без ангажман, но легендарниот Французин ја одби оваа понуда. Поради тоа во Манчестер се насочија кон тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино.

Покетино има договор со ПСЖ до 2023 година, но на „Олд Трафорд“ сеедно го посакуваат и се надеваат дека лошите игри на клубот од „Паркот на принцовите“ би можеле да ги уверат газдите од Париз да се ослободат од Аргентинецот.

Како што пишува „Ле Паризиен“, Покетино размислува за заминување и наводно преку своите агенти му порачал на Јунајтед дека нема ништо против ангажманот, а во ПСЖ имаат подготвена замена. Тука повторно во игра се враќа Зинедин Зидан. Францускиот весник тврди дека ПСЖ веќе ги започнал преговорите со популарниот Зизу.

Со оглед на тоа дека Дидие Дешамп најави дека ќе си замине од клупата дури по Мундијалот во Катар следната година, извесно е дека Зидан ќе се врати на клупскиот фудбал барем на една година.

ПСЖ му испратил понуда на Зидан и преговорите траат, а во ПСЖ прифатиле и клаузула според која тој ќе може да го напушти клубот доколку добие понуда од Фудбалската федерација на Франција.