Зидан го блокира Манчестер Јунајтед во потрагата по нов тренер

Откако норвешкиот стручњак Оле Гунар Солскјер доби отказ на клупата на Манчестер Јунајтед, во светските спортски медиуми доминираат шпекулациите околу тоа кој ќе го наследи на „Олд Трафорд“. Меѓу имињата кои најчесто се споменуваа се Луис Енрике, Брендан Роџерс, Лорен Блан, а од последните денови и Руди Гарсија и Ернесто Валверде.

Сепак, се чини дека најголемата желба на „Црвените ѓаволи“ е човекот кој го посакуваа и претходно, а тоа е Маурисио Покетино, актуелниот тренер на ПСЖ.

Мадридски „АС“ пренесува дека англискиот великан го контактирал менаџерот на Покетино, но во целата приказна најголем проблем е всушност – Зинедин Зидан. Францускиот стручњак и самиот се споменуваше интензивно на почетокот како заменик на Солскјер уште пред да биде отпуштен Норвежанецот, но тој отпадна од целата трка. Но, и покрај тоа што не е кандидат за клупата, му прави сериозни проблеми на Јунајтед. Имено, во текстот под наслов „Зидан го блокира Јунајтед“, „АС“ објаснува дека ПСЖ не е подготвен да го пушти Покетино додека не ја добие посакуваната замена.

Не е никаква тајна дека челниците на парискиот клуб го посакуваат Зидан бидејќи сметаат дека само тренер со таква харизма и играчка слава може да води екипа преполна со ѕвезди. Сепак, Зидан засега не сака да се одлучи на ваков потег. Наводно смета дека е ризично да се преземе екипа среде сезона и повеќе би сакал да го почека развојот на настаните до лето.