Жорди Алба знае кој е најдобар: „Златната топка“ е голема лага, а Пеле не знае што зборува

Доделувањето на „Златната топка“ за најдобриот играч во 2018. година предизвика разни коментари откако наградата пред Лионел Меси и Кристијано Роналдо ја доби Лука Модриќ.

Модриќ славеше пред довчерашниот соиграч од Реал Мадрид, меѓутоа, она што најмногу ја шокираше фудбалската јавност е дека Лионел Меси заврши дури на петтото место иако ја водеше Барселона до двојната круна и ја освои „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа.

По синоќешната победа на Барселона на гостински терен против Еспањол, се огласи Жорди Алба кој го критикуваше изборот за „Златната топка“. Меси синоќа одигра фантастичен меч против градскиот ривал и постигна два спектакуларни гола од слободен удар. Алба порача дека Меси уште еднаш покажа дека е најдобар на светот.

„Златната топка е една голема лага! Постојат доста притисоци од страна на клубовите, медиумите и други работи кога станува збор за тој избор. Сите знаат дека Меси е најдобар на светот. Таа награда би требало да биде за индивидуални достигнувања, а не за титулите со клубот. За мене тој е најдобар и крај. Пеле нешто зборуваше дека тој е далеку пред Меси, но тогаш е слеп ако зборува така“, порача Алба.