Жереми Тото: Вардар го гледав во Келн, а сега ќе играм за него

Едно од новите засилувања на Вардар за новата сезона, Жереми Тото, ги сподели своите први импресии од Вардар и Скопје.

Досегашниот пикер на Висла Плоцк во следната сезона ќе ја засили конкуренцијата во редовите на двократниот европски првак, пред се кога станува збор за одбраната, а за него трансферот во Вардар е голем чекор напред во кариерата.

„Вардар го гледав во живо во Келн кога стана европски првак, а сега сум тука… Навистина е неверојатно. Кога се појави можноста да потпишам договор воопшто не се двоумев. Првите впечатоци од Скопје се одлични. Јас играв во Висла, во мало место како што е Плоцк, а ова што го видов од Скопје ме воодушеви, малку сум и импресиониран“, изјави Тото и додаде:

„Ја почувствував енергијата на градот и ми се допадна она што го видов. Најмногу ми се допаѓа тоа што за Скопје Вардар е повеќе од клуб, таков е впечатокот од првите разговори. Тоа ми е мотив повеќе, едвај чекам да дадам придонес за да ги израдуваме навивачите. Имам позитивно чувство за сезоната, па и со новата филозофија на тренерот Вујовиќ јас сум подготвен да одговорам на секој предизвик. Имам позитивен притисок, но верувам во себе. Не сакам да зборувам предвреме, но сакам да стигнеме што е можно подалеку во ЛШ, СЕХА и домашното првенство“, изјави Тото.