Жастин Енан: Австралијците не сакаат да го гледаат Новак Ѓоковиќ

Неизвесноста околу судбината на Новак Ѓоковиќ во Австралија трае и понатаму. И ќе продолжи барем до недела, бидејќи судијата Ентони Кели го предаде случајот на Федералниот суд во Австралија, а сето тоа поради фактот што министерот за имиграција Алекс Хок одлучи на српскиот тенисер да му ја одземе визата за престој во земјата.

Реакции почнаа да пристигнуваат од сите страни. Едни го поддржуваат Ѓоковиќ и му даваат поддршка да ја истера работата до самиот крај, а од друга страна постојат критичари кои сметаат дека Новак би морал да ја напушти Австралија.

Во оваа група спаѓа и некогашната тениска шампионка Жастин Енан. Белгијката вели дека е најдобро да не го гледаме Новак на АО, пред се затоа што голем број жители на оваа земја „не сакаат да го видат“.

„Мислам дека најдобро во овој момент е да не игра на турнирот. Кога нешто е толку комплицирано, не велам дека Ѓоковиќ не треба да се бори затоа што мисли дека тоа е вистинската работа, но мислам дека сега е докажано дека голем број Австралијци не сакаат да го видат како игра. Затоа можеби е најдобро за сите, за тенисот, за турнирот, а можеби и за него, да не настапи“, изјави Енан.

Нема дилеми дека постапката сега дополнително е искомплицирана и ќе биде големо прашање дали се ќе се разреши до почетокот на Австралија Опен, кој почнува во понеделник, а во првото коло Ѓоковиќ го очекува дуел со Кецмановиќ.