Земјотрес во Формула 1: Луис Хамилтон нема да се врати

Поранешниот сопственик на Формула 1, Берни Еклстоун, верува дека Луис Хамилтон нема да се врати во овој спорт по контроверзниот крај на штотуку завршената сезона.

Британецот остана без титулата во последниот круг во последната трка од сезоната по низата контроверзни одлуки, иако водеше во текот на целата битка со Макс Ферстапен во Абу Даби.

По ова, седумкратниот светски шампион не се огласуваше ниту во медиумите, ниту на социјалните мрежи. Мерцедес на сите начини се обидуваше да докаже дека титулата му е украдена на Хамилтон, но немаше ефект.

Шефот на екипата на Мерцедес, Тото Волф, најави дека германскиот тим заедно со Хамилтон оди кон враќање на тронот следната сезона, но Берни Еклстон не е уверен во тоа.

„Не сум разговарал со Луис, но зборував со неговиот татко пред неколку дена. Веднаш почувствував дека не сака да зборува за иднината на својот син. Разговаравме само за работа“, изјави Еклстоун и додаде:

„Не знам што се случува со Луис, но мислам дека нема да се врати. Доживеа преголемо разочарување. И тоа е разбирливо. Можеби сега е време да си оствари некој друг сон, со седум светски титули, колку што има и Михаел Шумахер“.

Хамилтон оваа сезона ја бркаше својата рекордна, осма титула, но Ферстапен застана на неговиот пат, па Британецот останува израмнет со легендарниот Шумахер.