Завршена работа: Лерој Сане е нов играч на Баерн Минхен!

Новинарот на германски „Билд“, Кристијан Фалк, кој секојдневно ги следи случувањата во и околу Баерн тврди дека Лерој Сане е нов играч на германскиот гигант. И не само тоа. Имено, Баварците успеаја да направат фантастичен дил и да излезат како победници во целата ситуација.

Сане веќе подолго време се поврзува со Баерн, тој требаше да дојде уште минатото лето, но доживеа тешка повреда и трансферот беше одложен за ова лето. На него следното лето му истекува договорот и беше јасно дека Манчестер Сити нема ништо да препушти на случајот и ќе го продаде, бидејќи и самиот играч одби да го продолжи договорот.

На крајот Манчестер Сити и Баерн Минхен постигнаа договор, па крилниот играч следната сезона ќе го носи дресот на Баерн, барем ако може да му се верува на Фалк кој обично погодува со информациите кога станува збор за тимот од Минхен.

Кога станува збор за финансиите, уредникот на „Билд“ пренесува дека Манчестер Сити прифатил обештетување помало од 50 милиони евра! Ова навистина делува шокантно со оглед на тоа дека двата клуба првично се договорија за обештетување од 120.000.000 евра, за трансферот кој требаше да се случи минатото лето. Баерн навистина направи одличен „дил“ со овој трансфер, а наводно и Сане прифатил да има значително помала плата во однос на онаа во Сити.

Лерој Сане потпиша договор на пет години и веќе нема да игра за „Граѓаните“ во Лигата на шампионите сезонава, а во Минхен ќе пристигне во текот на идниот месец. Со доаѓањето на Сане, Баварците дефинитивно ја завршија реконструкцијата на најчувствителните позиции во тимот. Робен и Рибери добија наследници, а тоа се Коман, Гнабри и Сане. Имајќи ги предвид нивните години, крилата им се решени за подолг период.

Сане има 24 години и две титули во Премиер лигата, ФА Куп, два Лига Купа во Англија, а пред пристигнувањето во Сити настапуваше за екипата на Шалке.