За Греам Потер не е лесно да се биде тренер на Челзи: Критиките влијаат на менталното здравје

Секој кој имал можност да биде играч во животот, а потоа влегол во тренерските води, отворено вели дека животот на тренерите е далеку покомплициран и стресен.

Нивото на стрес, се разбира, варира во зависност од тоа на кое ниво работите. Греам Потер е еден од тренерите кој сега најдобро знае колкаво е нивото на стрес кога од просечен Брајтон преминувате во врвен клуб, каков несомнено е Челзи, без оглед на хаосот во кој се наоѓа од крајот на ерата на Роман Абрамович и особено сега со доаѓањето на Тод Боли.

Сините се во слободен пад. Тие имаат само две победи од последните 14 натпревари во сите натпреварувања, заостануваат гол зад Дортмунд пред реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите, а по поразот од Саутемптон на домашен терен минатиот викенд, заостануваат дури 11 бода од местата кои водат во ЛШ!

Според негово признание, лошите резултати и особено критиките лошо се одразиле на него и особено на неговото ментално здравје…

„Со резултатите какви што се, мора да ги прифатите критиките. Тоа е за очекување. И фер. Расположението овде отсекогаш било позитивно и полно со меѓусебно почитување“, вели Потер и се свртува кон големото „но“:

„Воопшто не е лесно да се справиш со тоа. Семејството трпи, сето тоа влијае на менталното здравје, мене лично ми е тешко затоа што на никој не му е гајле. Но, така е – како е“.