Вуков од сезонава со Порше Карера во нов предизвик: Голем предизвик за мене!

Еден од најдобрите автомобилисти во нашата држава, 24-годишниот Ристо Вуков во новата сезона која е на самиот праг го очекува нов предизвик.

Вуков кој иако е релативно млад, зад себе има импресивна кариера која ја има започнато уште на шест години, во далечната 2002 година.

Тој за првпат зад волан седнува во картинг каде минува 10 години, период во кој зад своето име остварува бројни успеси, како во државата, така и пошироко.

Во категорија на картинг Вуков се има натпреварувано во Македонија каде што е двократен шампион, потоа во Југоисточната европка зона каде што е двократен шампион, како и во шампионатот на Бугарија.

Ристо како растел, така и му се зголемувале амбициите, но поради возраста морал да паузира една година за да наполни 16 години и да добие дозвола за учество на авто-мото трки.

Минатата година Вуков го оствари најголемиот успех откако стана шампион во рамки на Отворениот шампиона на Србија во конкуренција на Југо хибрид со тимот на Капри Kорунс мото спорт.

Кон крајот на минатата сезона како увертира за она што следи сега, настапи на трката Галф12 во Абу Даби за тимот на ГДЛ Рејсинг од Италија. Тој возеше Порше Карера и се искачи на пиедесталот со второ место.

Во 2017 исто така има возено и на Адриа 24 во Италија со Сеат Ибица Купра каде заврши на петото место.

Во новиот шампионат Вуков ќе настапи во три шампионати, од кои што главен настан е Порше Карера ГТ3 Купот.

На програмта се шест трки во Италија и тоа на славните Муџело, Мисано, Имола, Валлунга и Монца каде што ќе има две трки.

Нашиот Вуков ќе вози за ГДЛ Рејсинг, а во конкуренција во Порше Карера ГТ3 Купот ќе има 25 возила.

„Ова за мене ќе биде чекор напред во кариерата и можност да се пробам во нешто ново. Ова можност кој ми се отвори изгледаше навистина примамливо и нешто што за мене секако е голем предизвик. Ќе ми биде навистина задоволство да се пробам во многу силна конкуренција. Најважно од се ќе ми биде да се комплетираат сите трки и би било голем успех  да завршам во првите 10 во генерален пласман“, ни изјави Вуков.

Освен ова Вуков сезонава ќе настапи и на неколку кружни трки во рамки на ЦЕЗ шампионатот. Учество ќе земе и во Отворениот шампионатот на Србија, како и шампионатот на Македонија во конкренција на Југо Хибрид со тимот на АКК Перформанс. Во превод ова значи дека сезонава планира да земе учество на најмалку 12 трки.

Неизоствен дел од најблискиот круг на луѓе без кои Вуков не оди на трка се неговиот татко Ѓорѓи Вуков, како и тим менаџерот Милош Милосављевиќ.

„Благодарност до сите мои помагатели и спонзори кои се неизоставен дел од оваа моја кариера, пред се Агенцијата за млади и спорт“, генералниот спонзор Саник, како и Халк Осигурување , Пелистерка и Витаминка и Линк Медиа Плус“, додава Вуков.

Новата сезона започнува веќе следниот викенд, на 18 и 19 јули во Италија.

„Поради добро познатата причина, состојбата со Ковид 19, овие денови сме во преговори со амбасадата и ги користиме сите дипломатски можности да ми се овозможи влез во Италија во што верувам и сум сигурен дека ќе се случи“, истакна за крај Вуков.

Редакцијата на „Спортклуб“ дозволува превземање на овој текст.