Вујовиќ повторно го напушти ППД Загреб

По втор пат во тренерската кариера Веселин Вујовиќ ја напушти клупата на ППД Загреб. Легендарниот бек, поранешен тренер на РК Вардар, овојпат одлучи да си замине од клубот на сопствена иницијатива поради лични причини.

„Веселин Вујовиќ повеќе не е тренер на ракометниот клуб ППД Загреб! Поради лични причини отстапи од оваа позиција и го напушта Загреб. Му посакуваме среќа во идната работа! Фала Вујо!“, стои во соопштението на неговиот сега веќе поранешен клуб.

Кратко потоа и самиот Вујовиќ се огласи за причината поради која го напушта клубот.

„За жал, од лични причини и проблеми кои не можам да ги решам ако не сум во Србија, морам да го напуштам Загреб. Жал ми е што си одам, но не можам да бидам на две места истовремено. Кога ќе го решам проблемот, ако сакаат и во Загреб, би можел да се вратам. Му благодарам на раководството за разбирањето и жал ми е што ги доведов во незавидна позиција со моето заминување. Се надевам дека играчите имаа корист од мене во својот напредок. Ќе ги следам и ќе навивам за нив и за клубот. Ако ситуацијата во иднина дозволи, јас секогаш сум подготвен за камбек“, изјави Вујовиќ.

Инаку, Веселин Вујовиќ се поврзува и со враќање во Вардар, особено откако Михајло Михајловски повторно го презеде македонскиот гигант, а двајцата имаа одлична соработка во минатото.

Инаку, Вујовиќ прв пат го водеше хрватскиот великан од 2014 до 2016 година за потоа повторно да го преземе минатиот септември, по бурното заминување од Железничар Ниш.