Вујо доаѓа со ППД Загреб во Битола – „фармацевтите“ бараат поддршка од публиката

Еурофарм Работник кој од пред неколку дена и официјално има ново име Еурофарк Пелистер, го игра утре своето 8. коло во СЕХА првенството.

Во Битола доаѓа ППД Загреб кој е позиција пред Еурофарм со 12 бодови (Еурофарм 9), па ќе биде интересно да се тестираат силите на терен.

Битолскиот колектив ќе брка четврта победа во ова натпреварување, додека „плинарите“ од Загреб со евентуална победа ќе се стремат да се искачат на втората позиција, каде се на делба со исти бодови како и Мешков Брест.

На денешната пресконференција, присутни беа тренерот Мојсов и голманот Градимир Чаневски.

Ни следи тежок натпревар, знаеме каков ривал е ППД Загреб. Искусни се од настапи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Наше е да направиме публиката да ужива и да ја испратиме годината со позитивен резултат. Се надевам дека ќе добиеме адекватна поддршка за да ја оствариме целта“, истакна Чаневски.

Сите знаеме кој ривал ни доаѓа утре. Доаѓа млада и мотивирана екипа, предводена од играчката и тренерска легенда Веселин Вујовиќ. Тој е човек ги мотивира младите ракометари, играат агресивно и многу добро. Сигурен сум дека ќе одиграме изедначен и докрај неизвесен натпревар. Имаме мали повреди, Кукоски ја обнови повредата, уште не сме залечени, но ќе парираме на големиот ривал. Ги повикувам сите симпатизери, да дојдат да нè бодрат, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка“, порача Мојсов.