Волф: Не можам да ја замислам Формула 1 без најдобриот возач

Тото Волф, првиот човек на Мерцедес уште еднаш истакна колку беше болно за неговиот тим што ја загуби титулата на Луис Хамилтон на последната трка од минатогодишниот шампионат во Абу Даби.

„Никогаш нема да го заборавиме тоа. Не беше во ред за Луис. Тој никогаш немаше да загуби доколку управата на трката не донесеше три погрешни одлуки. И навистина е тешко да се разбере. Хамилтон беше подобар од Ферстапен тој ден и ја заслужи титулата“, вели Тото Волф.

Првиот човек на Мерцедес истакнува дека сето тоа силно го погодило Хамилтон.

„Му треба време да го преболи. И тоа може да биде многу, многу тешко. Не знам што ќе се случи во иднина, само се надевам дека Луис повторно ќе го видиме во болидот. Не можам ни да ја замислам Формула 1 без најдобриот возач“, изјави Волф.