Војнеска-Зикова и нејзините поддржувачи ја напуштија салата, Димевски нов претседател на ОКСМ!

Поранешниот прв човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски од вечерва е нов претседател на Олимпискиот комитет. Во напната атмосфера тој беше избран на одговорната функција на Собранието кое траеше речиси четири часа.

Едната од кандидатите за претседател на Олимпискиот комитет на Македонија, Александра Војнеска Зикова и претставниците на федерациите кои застанаа зад неа ја напуштија салата во хотелот „Александар Палас“ каде се бираше наследник на Васил Тупурковски. Иницијативата за напуштање на Собранието беше на првиот човек на Боксерската федерација, Примислав Димовски кој заедно со првите луѓе на Атлетската и Боречката асоцијација и во текот на денот објавија протест против процедурата по која се бира нов претседател на ОКСМ.

И покрај тоа, во салата останаа претставници на останатите федерации, па Димевски имаше можност да ја претстави својата програма. Откако беше избран за нов претседател, тој вети ново изборно собрание кое треба да се одржи во 2021 година.