Во неверојатна драма, Барса успеа да испише историја во Келн

Во драматично и неизвесно финале во Лигата на шампионите, Барселона ја одбрани европската титула. Најтрофејниот клуб на сите времиња дури по изведувањето на седмерци го разби полскиот Киелце и со резултат 37:35 (32:32, 28:28, 13:12) повторно се искачи на врвот на Европа.

Беше тоа фантастично финале кое на крајот беше решено со удари од седум метри. Промашувањето на некогашниот играч на Вардар, Алекс Дујшебаев, беше одлучувачки, бидејќи Гонзало Перез де Варгас го одбрани неговиот удар во третата серија. Барселона на тој начин ја одбрани титулата европски првак, освојувајќи вкупно 11 европски титули.

Барселона подобро го отвори финалето и во првото полувреме во неколку наврати имаше и три гола предност (5:2, 6:3, 9:6, 10:7), но Киелце успеа да израмни на 12:12. Во продолжение од мечот гледавме изедначена игра во која екипите наизменично водеа, но ниту една страна немаше повеќе од гол предност.

Барса во последната минута влезе со гол вишок (28:27), но Белорусинот Арцем Каралек погоди на две секунди до крајот на асистенција на неговиот сонародник Улаџислау Кулеш за 28:28 и избори продолженија.

Во продолжението Барса поведе, а Полјаците возвратија и на 45 секунди до крајот беше 32:32. Полјаците имаа напад за титулата, но Алекс Дујшебајев шутираше покрај голот.

Прашањето на победникот конечно беше решено со изведување седмерци. За Барса сите пет играчи беа успешни. Стрелци беа Алеиш Гомез, Дика Мем, Мелвин Ричардсон, Али Зеин и Лудовик Фабрегас, додека за Киелце погодија Аркадиуш Морито, Игор Карачиќ и Даниел Дујшебајев, а Алекс Дујшебајев стана трагичар.

Кај Барселона најефикасни беа Алеиш Гомез со девет гола и Тимотеј Н’Гесан и Дика Мем со по пет гола. Перез де Варгас собра 12 одбрани.

Бранко Вујовиќ, Алекс Дујшебајев, Улаџислау Кулеш и Даниел Дујшебајев со по четири гола беа најефикасни во ривалските редови. Игор Карачиќ постигна еден гол, а Андреас Волф имаше 12 одбрани.

И во мечот за третото место решаваа седмерците. Кил го победи Веспрем со 37:35.

Унгарскиот тим подобро го отвори „малото финале“, а Веспрем на полувремето имаше четири гола предност (18:14). +4 на влезот имаа и Унгарците во последните 15 минути (28:24). Но, Кил го сврте резултатот и имаше 32:31 во 52. минута. Во неизвесното финале Веспрем доби седмерец кој во последните моменти го реализира Кентин Махе.

Голманот на Кил, Никлас Ландин ги одбрани ударите на Гашпер Маргуч и Расмус Лауге, додека Јахија Омар ја погоди гредата. Откако Никлас Екберг, Штефен Вајнхолд и Магнус Ландин ги реализираа своите пенали, THW ја обезбеди победата и третото место.

Во редовите на германскиот тим најефикасни беа Микола Билик со седум и Миха Зарабец и Патрик Виенчек со по шест гола. Веспрем го предводеа Омар со осум гола и Андреас Нилсон со седум.