Крилниот напаѓач на Реал Мадрид, Бразилецот Винисиус Жуниор, беше цел на расистички напади во Валенсија минатата недела, а ќе го пропушти саботниот тест против Севиља поради повреда на коленото, изјави денес неговиот тренер Карло Анчелоти.
„Винисиус нема да патува со нас и не може да игра бидејќи коленото се уште му е проблем“, изјави Анчелоти. Бразилскиот фудбалер веќе го пропушти среднеделниот натпревар против Рајо Ваљекано поради повреда.
„Се надевам дека ќе може да го одигра последниот натпревар на домашен терен против Билбао на 4 јуни“, додаде италијанскиот тренер. Реал Мадрид, кој е втор на табелата со бод пред Атлетико Мадрид, во Севиља ќе патува и без повредените Карим Бензема и Марко Асенсио.