Вимблдон ќе почека на проширувањето

Предлогот на Ол Ингланд клубот за изградба на 39 нови тениски игралишта, вклучително и ревијален терен со 8.000 седишта, доживеа неуспех.

Службениците во Советот на Вандсворт им препорачаа на советниците да не дадат дозвола бидејќи таквиот развој на паркот Вимблдон би бил „несоодветен“ и би предизвикал „значителна штета“ на земјиштето.

Советот на Мертон пак, кој е одговорен за целиот парк, освен за најсеверниот дел од земјиштето, гласаше позитивно за предлогот за проширување минатиот месец.
Службениците се согласија дека ќе има „физичка штета“ на земјиштето, но заклучија дека „посебните околности“ значат „значителна јавна корист која очигледно ќе ја надмине штетата“.
Службениците на Вандсворт сметаат дека нема „многу посебни околности“ кои би ја надоместиле предизвиканата штета.
Одборот за планирање ќе гласа по ова прашање следниот вторник, по што градоначалникот на Лондон, Садик Кан, ќе има рок од две недели да ја донесе одлуката.

Новите терени ќе овозможат квалификациите на Вимблдон да се играат таму, како што е случајот на другите три Гран слем турнири, Мелбурн, Париз и Њујорк.

Ол Ингланд клубот, исто така, вети дека ќе изгради нов јавен парк од 23 хектари „во духот“, како и најмалку седум тревнати терени кои ќе и бидат на располагање на локалната заедница по завршувањето на турнирот во Вимблдон.