Вилијан пред враќање во Премиер лигата

Бразилскиот фудбалер Вилијан би можел да се врати во Премиер лигата бидејќи за неговите услуги интерес покажа лондонски Фулам, пренесува Гоал.

Тимот од Лондон има намера дополнително да го засили својот состав за стартот на сезоната, а во Вилијан гледа играч чие искуство и квалитет можат да направат разлика во лигата.

Искусниот Бразилец има клаузула во договорот која му овозможува враќање во Европа.

33-годишниот играч од средниот ред помина 14 сезони во Европа пред да се врати во родниот Коринтијас минатата година.

Тој го носеше дресот на Шахтјор од Доњецк и Анжи од Русија. Најмногу успеси имаше во Челзи каде играше од 2013 до 2020 година. За клубот од Стемфорд Бриџ забележа 339 настапи и постигна 63 гола.

Во сезоната 2020-21 играше за Арсенал, но не остави длабока трага и по неуспешната епизода на Емирати се врати во Коринтија.