Викендов во Скопје – бодибилдинг фестивал

Од денеска до недела во Скопје се одржува уште едно од натпреварувањата од Дијамантскиот куп на Светската бодибилдинг федерација (ИФББ).

На настанот оваа година и покрај се уште тешките услови за патување, особено конекцијата на Скопје со Европа, 15 држави испратија свои натпреварувачи. Натпреварот ќе се одржи утре во арената ‘Борис Трајковски’ во Скопје, со почеток од 10 часот. Мерењето и регистрацијата на учесниците е од 14 до 18 часот денеска.

„Интернационалните натпреварувања што се одржуваат во Скопје, во соработка со ИФББ веќе станаа традиција и се поддржани од македонската Влада. Ова е добра можност за натпреварувачите од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, но и останатите земји учесници, да се борат за медали, ранкинг поени и особено за Елит Про лиценци. Настанот во Скопје е голем предизвик и мотивација за голем број аматери да учествуваат на него“, изјави претседателот на Македонската бодибилдинг федерација Бобан Ѓороски.

По повод одржувањето на меѓународниот натпревар, IFBB DIAMOND CUP SKOPJE 2021, во Скопје како дел од официјалните лица допатува и Хозе Мариа Гарсија од Шпанија, Претседател на судиската комисија на Европската бодибилдинг и фитнес федерација (EBBF), кој воедно ќе биде и главен судија на настанот. Гарсија беше гостин и во Олимпискиот комитет на Македонија каде на претседателот Даниел Димевски му додели златен медал и благодарница за несебична поддршка во развојот на бодибилдинг спортот.