(ВИДЕО) Вест Хем го совлада Арсенал во лондонското дерби

Првиот меч од 22. коло во англиската Премиер лига го донесе лондонското дерби помеѓу Вест Хем и Арсенал. „Чеканите“ беа поуспешни, па на свој терен славеа со минимални 1:0.

Денеска своето премиерлигашко деби во дресот на Вест Хем го запиша Самир Насри и одигра значителна улога во победата против својот некогашен клуб.

На отворањето на мечот Марк Ноубл се најде во шанса за Вест Хем, но првата посериозна ја имаше Арсенал и тоа во 14. минута кога Лаказет се обиде по добриот продор. Сепак, Фабијански беше поуспешен.

Во првиот дел двете екипи имаа уште неколку напади, а пред заминувањето на одмор Деклан Рајс пропушти добра прилика да го доведе Вест Хем во водство.

На одмор се замина со резултат 0:0, но веќе по три минути игра во продолжението Вест Хем дојде до водство. Самир Насри беше асистент, а Деклан Рајс стрелец на преубав погодок за 1:0 во 48. минута од мечот.

По примениот гол, недостасуваше вистински одговор од страна на Арсенал кој се мачеше да создаде подобри шанси. Најдобрите ги имаа Ивоби и Обамејанг, но до крајот остана 1:0 за Вест Хем.

Арсенал остана на петтото место со 41 бод, додека Вест Хем сега има 31 и барем за кратко се искачи на осмата позиција.