(ВИДЕО) ПСВ го декласираше Галатасарај, Легија едвај против Флора

Вечерва се одиграа првите натпревари од второто претколо во Лигата на шампионите, а во центарот на вниманието беше мечот помеѓу ПСВ и Галатасарај.

ПСВ пред своите навивачи одигра фантастичен натпревар и успеа да го прегази Галатасарај со 5:1, па се чини дека во овој двомеч е веќе јасно кој оди во следната фаза од Лигата на шампионите.

Домаќините одлично го отворија мечот и поведоа веќе во втората минута кога Захави погоди за 1:0. ПСВ ја удвои својата предност во 35 минута, а повторно во центарот на вниманието се најде Захави кој го матираше гостинскиот голман за 2:0.

Сепак, турскиот клуб седум минути подоцна успеа преку Килинч да намали на 2:1 и се чинеше дека се враќа во натпреварот, но до крајот доживеаја вистински дебакл.

ПСВ до третиот гол дојде во 52. минута. Домаќините одиграа фантастична акција, а погодок за 3:1 постигна Марио Геце.

Во самиот финиш уште два гола во мрежата на Галатасарај. Најпрво Захави го комплетираше својот хет трик кога во 84 минута погоди за 4:1, за точка на натпреварот, но и одличниот настап да стави и Марио Геце. Поранешниот германски репрезентативец во 89 минута постигна гол за 5:1, што беше и конечен резултат на натпреварот.

На останатите натпревари треба да се истакне дека Малме на свој терен со 2:1 го победи ХЈК Хелсинки. Легија со доста маки ја победи Флора со 2:1, а Олимпијакос со минимални 1:0 беше подобар од Нефчи. На мечевите меѓу Мура и Лудогорец, односно Слован Братислава и Јанг Бојс немаше голови.

Реванш натпреварите од второто претколо се играат следната недела.