(ВИДЕО) Продолжува агонијата на Тотенхем, Евертон славеше на тешкото гостување

Тотенхем во рамките на 12. коло од Премиер лигата на свој терен го пречека Шефилд Јунајтед и одигра 1:1.

Спарси беа четири кола без победа во првенството, па таа на овој меч беше императив иако противникот беше доста незгоден.

Гостите на самиот почеток токму тоа и го покажаа и во неколку наврати му се заканија на Тотенхем, но не успеаја да дојдат до гол.

Најдобрата шанса за Шефилд дојде во 31. минута кога Лундстрам ја погоди стативата, но домаќините имаа среќа.

И во продолжението гостите продолжија да се закануваат, но Спарси сепак дојдоа до водство кога Сон во 58. минута погоди за 1:0.

Шефилд веќе во 60. минута постигна гол за 1:1, но тој по асистенција на ВАР беше поништен поради офсајд.

Сепак, во 78. минута гостите дојдоа до израмнување откако Болдок постигна гол, а до крајот резултатот сепак не се менуваше иако Тотенхем со сите сили напаѓаше.

Барнли на свој терен го пречека Вест Хем и славеше со високи 3:0. Барнс и Вуд погодија во првото полувреме за 2:0, а Хименез со автогол во вториот дел го постави конечниот резултат.

Њукасл на свој терен го совлада Борнмут со 2:1. Гостите поведоа со голот на Вилсон, а домаќините со головите на Једлин и Кларк дојдоа до пресврт и победа.

Евертон гостуваше кај Саутемптон и славеше со 2:1. Дејвис ги доведе гостите во водство веќе во 4. минута, а Ингс на почетокот од второто полувреме, израмни на 1:1. Победата на Евертон ја донесе Ричарлисон со голот во 75. минута.