(ВИДЕО) Обамејанг е херојот на Арсенал, „Топчиите“ го освоија ФА Купот

Екипата на Арсенал успеа денеска да го совлада Челзи во финалниот натпревар од ФА Купот со 2:1 на „Вембли“, а со тоа и да обезбеди излез во Европа во следната сезона.

Микел Артета успеа да дојде до својот прв трофеј на клупата на Арсенал, благодарение на Пјер Емерик Обамејанг кој со два гола го урна Челзи за конечна победа од 2:1.

Челзи подобро го отвори денешното финале и поведе по само пет минути игра. Оливие Жиру со пета го проигра Кристијан Пулишиќ, а американскиот репрезентативец погоди за радост на „Сините“. Арсенал успеа брзо да се врати. Цезар Аспиликуета го влечеше од зад грб Обамејанг, кој се сруши во казнениот простор и Ентони Тејлор покажа на белата точка. ВАР ја потврди одлуката, а габонскиот напаѓач ја презеде одговорноста и стрелаше за 1:1.

Проблеми за Френк Лампард се случија во 35 минута бидејќи мораше од игра да го извади повредениот Аспиликуета, а на негово место влезе Кристенсен. Подоцна и Пулишиќ се повреди, но тој го продолжи натпреварот.

Голот на одлука за Арсенал го постигна денеска фантастичниот Обамејанг во 67 минута. Кабаљеро беше сосема немоќен, а во 73. минута сите надежи на Челзи се срушија, откако Тејлор му даде втор жолт картон на Матео Ковачиќ.