(ВИДЕО) Никогаш не ги отпишувајте „ѓаволите“

Како во старите добри времиња, кога на клупата беше Алекс Фергусон, Манчестер Јунајтед дојде до спектакуларен пресврт и од 0-2, ја победи Аталанта со 3-2 за прво место на табелата во својата група.

Италијанскиот тим доминираше во првото полувреме, ги искористи своите шанси, но и тоа што Мусо бранеше одлично. Пашалиќ и Демирал се погрижија за водството од два гола разлика кое требаше на Аталанта да ѝ донесе стабилност во продолжение.

Но, дури и кога гостите водеа, се чувствуваше дека е само прашање на време кога Јунајтед ќе се разигра. Тоа се случи многу брзо, по осум минути игра во второто полувреме Рашфорд намали, а потоа шансите почнаа да се редат како на лента. Конечно, Мегвајер искористи една залутана топка во шеснаесетникот за 2-2, а потоа Шо одлично нафрли од левата страна по што Роналдо со глава стави точка на исклучително возбудливиот натпревар.

И другите фаворити денеска си ја завршија својата работа според планот. Баерн ја разнесе Бенфика со 4-0, Челси го направи истото со Малме, а триумфираше и Јувентус на гости кај Зенит.