(ВИДЕО) Неверојатен пресврт: Интер губеше со 0:2 во второ полувреме и победи 4:2

Фантастичен меч на „Џузепе Меаца“ одиграа Интер и Торино, а на крајот домаќините славеа по неверојатен пресврт со 4:2.

Торино играше далеку подобро од Интер во првото полувреме. Гостите одлично се бранеа, а домаќините немаа никаква идеја и беа премногу бавни во фазата на напад. Торино се закануваше преку противнапади, а една таква шанса успеаја да ја искористат во втората минута од судиското надополнување од првиот дел. Одлична акција играа „Биковите“, а акцијата ја круниса Заза и погоди за 0:1.

Интер ниту во вториот дел не беше многу подобар, а гостите во 62 минута со голот на Ансалди од пенал дојдоа до 0:2. Со оглед на тоа како играа „Нероазурите“ се чинеше дека Торино е на прагот на победа.

Но, вториот гол ги отрезни домаќините кои тргнаа во офанзива, па набрзо по една мешаница Алексис Санчез стрелаше за 1:2 во 64 минута, а веќе во 67 минута по асистенција Чилеанецот погоди и Лукаку за 2:2.

Интер продолжи со офанзивата, а еден од дефанзивците на Торино направи грешка и го фаулираше Хакими во сопствениот шестнаесетник. Ла Пена покажа на белата точка, а Лукаку ударот го претвори во гол за 3:2. Конечните 4:2 ги постави Лаутаро Мартинез.

Интер сега е петти со 15 бода, додека Торино е дури на 18-то место со пет бода од осум меча.

На останатите натпревари во истиот термин, Болоња славеше кај Сампдорија со 1:2, Сасуоло како гостин ја победи Верона со 2:0, а Рома славеше со 3:0 против Парма.