(ВИДЕО) Неверојатен кош на Каваи Ленард за пласман на Торонто во финалето на Истокот

Торонто Репторс се пласираа во финалето на Источната конференција во НБА лигата.

Единствениот канадски тим во НБА лигата синоќа на свој терен ја совлада Филаделфија со резултат 92:90 и обезбеди пласман во финалето на Истокот.

Првото полувреме помина во подобра игра на Репторси. Торонто водеше константно, но и Сиксерси во неколку наврати успеваше да се закани резултатски.

На полувреме се замина со 44:40 во корист на Репторс, за во третата четвртина да биде мошне неизвесна битка на двете екипи.

Домашниот тим од плус девет успеа да отиде на минус седум откако Филаделфија направи серија од 16:0 за 50:57. Сепак, до крајот на делницата Репторси повторно го презедоа водството.

Вистински спектакл беше виден во самиот финиш на мечот. Батлер на четири секунди до крајот погоди за 90:90, за потоа топката во свои раце да ја земе Каваи Ленард кој успеа да погоди со звукот на сирената. Топката скокаше по обрачот и на крајот влезе за големо славје и пласман на Торонто во финалето на Истокот, каде ќе играат со Милвоки Бакс.

Ленард одигра фантастичен меч и постигна дури 41 поен, а кај Филаделфија најефикасен беше Ембид со 21 поен.