(ВИДЕО) Не му е лесно на Покетино, Нејмар и Паредес се расправаа среде натпреварот со Сити

ПСЖ загуби на гостински терен кај Манчестер Сити со 2:1 во петтото коло во групата А од Лигата на шампионите, а за време на средбата можеше да се забележи жестока расправа помеѓу Нејмар и Леандро Паредес.

Двајцата играчи на француската екипа си разменија неколку остри зборови откако Бразилецот пред крајот на полувремето загуби една топка на својата половина. Паредес гестикулираше кон Нејмар да ја смири играта и да не брза, но на ѕвездата на ПСЖ не и се допадна тоа, па започна расправијата.

Сити во првиот дел од мечот беше многу подобра екипа и создаде неколку одлични шанси, а тоа беше дополнителна причина меѓу гостинските играчи да се појави нервоза.

За среќа по ПСЖ, РБ Лајпциг го совлада Клуб Бриж во Белгија со убедливи 5:0, со што го реши прашањето околу пласманот во следната фаза. Сити во осминафиналето ќе оди како победник во групата, а таму ќе им се приклучи и француската екипа.