(ВИДЕО) На што ли им се темелеше оптимизмот на Србите? Бразил ги растури како мали деца!

Со недели пред почетокот на Светското првенство, репрезентативците и стручниот штаб на српската репрезентација, а особено тамошната фудбалска јавност, се силеше дека „орлите“ ќе го победат Бразил кого досега не само што не го совладале, туку и не успеале да му дадат гол.

На теренот, сосема поинаква слика. Србија одигра очаен натпревар, а Бразил победи со 2-0 иако со играта, особено во второто полувреме заслужи да постигне барем уште толку. Точно е дека Србите имаа проблеми со повредени фудбалери во периодот пред Мундијалот, но дури и во такви услови се закануваа дека можат да направат изненадување на стартот.

За доминацијата на петкратниот светски шампион најдобро зборува статистиката: Бразил упати 24 удари од кои 10 во рамките на голот, а Србите шутнаа четири пати, ниеднаш во рамките. Голот на Алисон сериозно беше загрозен само еднаш и тоа во второто полувреме.

Се останато одеше на сметка на Бразил чиј херој на денешниот натпревар беше Ришарлисон. Фудбалерот на Тотенхем ги постигна двата гола и тоа во период од десетина минути во второто полувреме. Прво искористи една одбиена топка по шут на Винисиус и реагираше пред Павловиќ за да го отвори резултатот, а потоа го постигна можеби најубавиот гол во досегашниот дел од Светското првенство.

Бразилците имаа уште 4-5 изгледни шанси, два пати ја погодија рамката, а во неколку наврати не се снајдоа добро пред противничкиот гол. За Србија ќе остане императив да ги победи Камерун во второто и Швајцарија во третото коло иако со ваква игра, тоа во моментов делува како невозможна мисија.