(ВИДЕО) Лудило на „Олимпико“ во Рим: Шок за Лацио во 99 минута во меч со осум гола и три црвени

Лацио и Удинезе одиграа вечерва спектакуларен меч во рамките на 15. коло од италијанската Серија А, а на крајот мечот на „Олимпико“ заврши со неверојатни 4:4.

Еден од најдобрите натпревари во досегашниот дел од сезоната започна со водсто на гостите. Во 17. минута за водство на Удинезе погоди Бето по асистенција на Мате Јајало.

Истиот играч во 32. минута зголеми на 2:0 и се чинеше дека Удинезе е на добар пат да дојде до голема победа, но Лацио не се предаваше.

Чиро Имобиле ги врати домаќините во мечот со гол за 2:1 во 34. минута, но Удинезе сепак на одмор заминува со два гола предност, благодарение на голот на Молина за 3:1 на минута пред крајот на полувремето.

Но, Лацијалите не се откажуваа, а продолжението донесе феноменална игра на избраниците на Сари и голем пресврт кој на крајот сепак не беше награден, бидејќи Лацио поради голема грешка остана без победа во последните секунди.

Најпрво Педро во 51. минута стрела за 2:3, а само пет минути подоцна Сергеј Милинковиќ-Савиќ стрела за израмнување на 3:3.

По ова Лацио остана без Патрик кој заработи црвен картон. Гостите не успеаја да го искористат ова, па во 69. минута и тие остануваат без еден играч, поточно Молина.

Лацио во 79 минута доаѓа до пресврт и водство, откако Ачерби постигна погодок за голема радост на домаќините и водство од 4:3.

Но, тука не беше крајот. Во 99. минута Арслан спектакуларно погоди за 4:4 и шок на „Олимпико“, а Удинезе остана и со девет играчи на теренот бидејќи исклучен беше Валас.

Илија Несторовски не доби шанса да настапи и целиот натпревар го проследи од клупата за резерви.