(ВИДЕО) Ливерпул и Наполи не дозволија изненадувања

Екипите на Наполи и Ливерпул се пласираа во осминафиналето од Лигата на шампионите, откако вечерва славеа против Генк, односно Салцбург, во последното коло од групната фаза.

Актуелниот европски шампион стравуваше во пресрет на ова гостување, бидејќи во случај на пораз ќе беа елиминирани од ЛШ и со право го респектираа домаќинот кој покажа завиден квалитет на првиот натпревар, но и на вечерашниот меч.

Во првите 45 минути немаше голови. Салцбург во најмала рака беше рамноправен со далеку поквалитетниот ривал и имаше некои сериозни шанси, но Алисон Бекер скроти се што одеше кон неговиот гол.

Од друга страна Мохамед Салах се изнапромашува, но се што не успеаја да дадат во првото, гостите од Ливерпул дадоа во второто полувреме.

Во 56. минута Мане центрираше од левата страна по одличниот пробив, а Кеита со глава ја испрати топката во голот. Само една минута подоцна Салах се искупи за сите промашувања и го завери пласманот во нокаут фазата.

Од друга страна, екипата на Наполи го обезбеди својот пласман во нокаут фазата со победата од 4:0 против Генк на домашен терен.

На Наполитанците доволно им беше и реми за место меѓу 16-те најдобри, но избраниците не оставија ништо на случајот и веќе по првите 45 минути го решија натпреварот.

Милик постигна хет трик во провото полувреме. Полјакот го отвори резултатот во третата минута, а потоа во 26. и 38. го комплетираше својот хет-трик за предност од 3:0 за Наполи.

Во продолжението од мечот темпото опадна, а по еден шут на Каљехон топката удри еден од дефанзивците на гостите во раката по што судијата покажа на белата точка, а Дрис Мертенс беше сигурен реализатор на најстрогата казна за конечни 4:0.

Ливерпул како првопласиран од оваа група оди во следната фаза со освоени 13 бода, додека Наполи заврши како втор со бод помалку. Салцбург обезбеди пролет во Лигата на Европа како третопласиран во групата.