Лос Анџелес Клиперс дојде до исклучително важна победа во борбата за пласман во плејофот, победувајќи ја на домашен терен Оклахома Сити Тандер со 127-105.
Тоа беше одмазда за натпреварот од пред два дена, на истото место во кој Клиперс не само што доживеаја пораз, туку и останаа без еден од своите најдобри играчи Пол Џорџ кој нема да се врати до крајот на основниот дел од сезоната. Во исто време, ова е најубедлив триумф на Клиперс во последните два месеца, односно од мечот против Сан Антонио на 27 јануари кога славеа со 138-100.
Клучна за оваа победа беше серијата од 27-12 во третата четвртина по која од негатива од 65-68, домашниот тим дојде до водство од 92-80. Тоа го скрши моралот на противничките кошаркари, па Клиперс во последниот квартал дојде и до преубедлива победа, во однос на она што се случуваше во првите 30-тина минути.

Блескаше Кавај Ленард кој постигна 32 поена со 6 скока и 6 асистенции, а се истакна и Вестбрук со 24 поени. Кај Оклахома, повторно најдобар беше Гилџес Александер, сега со 30 поени. Со оваа победа, Клиперс се зацврстија на петтата позиција на Западот со биланс 39/36, додека Оклахома сега е во групата на четири екипи од осмата до 11. позиција со скор од 36 победи и 37 порази.