(ВИДЕО) Јуве е „нула“ без Роналдо, не може да го победи ни Кротоне

По четири одиграни кола, Јувентус има четири бода негатива во однос на Милан што е огромно изненадување ако се земат предвид сите околности.

Но, најголемото изненадување е вечерашниот резултат на актуелниот италијански шампион на гостувањето кај Кротоне. Без Кристијано Роналдо кој има корона, „бјанконерите“ одиграа само 1-1 и уште еднаш потврдија дека сите работи во екипата зависат од португалскиот ас.

Се што можеше вечерва да тргне против Јувентус – тргна. Во 11. минута Бонучи направи пенал кој во гол го претвори Сими. Мората израмни во 21. минута со својот прв гол по враќањето во Јувентус. Во 60. минута Киеза доби директен црвен картон, а потоа Мората постигна уште еден гол кој беше поништен поради офсајд.

На крајот реми и прв бод за Кротоне оваа сезона што само по себе зборува за катастрофалниот резултат на Јувентус. Бранителот на титулата досега, практично оствари само една победа на терен и тоа во првото коло против Сампдорија. Во второто одигра нерешено на гости кај Рома, а во минатото службено му беше доделен триумфот против Наполи затоа што гостите не смееја да го напуштат градот поради големиот број заболени од корона.