(ВИДЕО) Интер се истури врз Бреша за најголемата победа во последните 3 години

Екипата на Интер вечерва славеше на домашен терен против Бреша со убедливи 6:0 во 29. коло од Серија А.

„Неразурите“ беа навистина расположени на овој натпревар што можеше да се види уште од самиот почеток.

Првиот погодок во мрежата на гостите заврши веќе во 5. минута, а фантастичен погодок постигна Ешли Јанг по одличната асистенција на Алексис Санчез. Веќе во 20. минута беше 2:0 и тоа откако токму Чилеанецот беше прецизен од белата точка. До крајот на првиот дел во листата на стрелците се запиша и Д’Амброзио по асистенција на Ешли Јанг.

Во второто полувреме Интер продолжи онаму каде што застана. Во 52. минута Алексис Санчез испрати одличен центаршут од слободен удар, а Гаљардини беше највисок во скокот и зголеми на 4:0. Тој резултат важеше се до 83 минута кога Ериксен го постигна петтиот гол за својот тим на натпреварот, за конечниот резултат да го постави Кандрева на две минути пред крајот, по краткото проигрување со Ериксен.

За Интер ова е најголемата победа уште од март 2017 година кога ја совлада Аталанта со 7:1.

„Неразурите“ и покрај убедливиот триумф остануваат на третата позиција бидејќи се уште имаат четири, односно осум бода помалку од Лацио и Јувентус. Од друга страна, Бреша речиси е испадната од лигата, бидејќи има само 18 бода и е претпоследна на табелата.

Во истиот термин во Серија А се одигра уште еден натпревар. Болоња го пречека Каљари на домашен терен и мечот заврши со резултат 1:1. Бароу ги донесе домаќините во водство во финишот од првиот дел, а Каљари веднаш по почетокот на второто полувреме го израмни резултатот преку Симеоне, на асистенција на Раџа Наинголан.