(ВИДЕО) Ибрахимовиќ му пресуди на Интер во големото градско дерби

На „Џузепе Меаца“ вечерва се одигра градското дерби меѓу Интер и Милан во рамките на 4. коло од италијанската Серија А, а на крајот „гостите“ славеа со 2:1 со два погодоци на Златан Ибрахимовиќ.

Доста возбудливо дерби одиграа двете екипи, а особено интересно беше во првите 45 минути, кога паднаа сите три гола.

„Гостите“ подобро го отворија мечот, а до гол дојдоа веќе во 12 минута од мечот. Александар Коларов го фаулираше Ибрахимовиќ во својот шестнаесетник, па оправдано беше досуден пенал за „Росонерите“.

Ибрахимовиќ ја презеде одговорноста, но Хандановиќ го одбрани неговиот удар. Сепак, 38-годишниот Швеѓанец одбиената топка ја испрати во мрежата. Само неколку минути подоцна, нов гол за Милан и повторно Ибрахимовиќ во главната улога.

По одличната акција од противнапад, Ибрахимовиќ го користи доброто нафрлање од Леао од левата страна и го матира Хандановиќ за голема предност на Милан.

Во 28 минута Иван Перишиќ му асистира на Ромелу Лукаку и Интер се враќа во натпреварот. Николо Барела имаше добра шанса во 32 минута, но слабо шутираше, а до крајот на првиот дел уште еден обид на Лукаку со глава, но топката мина крај голот.

Во продолжението Интер тргна по израмнување, Милан се бранеше и трпеливо ја чекаше својата шанса од противнапад.

Доста полемики предизвика ситуацијата петнаесетина минути пред крајот кога најпрво беше досуден пенал за Интер поради контактот меѓу Лукаку и Донарума, но на крајот беше досуден офсајд.

Интер залудно се обидуваше да се спаси од пораз, Милан успеа да издржи и заслужено ја оствари четвртата последователна победа и со 12 бода е лидер на табелата. Покрај тоа, „Росонерите“ имаат само еден примен гол и веќе со месеци играат во врвна форма.

Во вториот меч кој се играше во истиот термин, Сампдорија го демолираше Лацио со 3:0.