(ВИДЕО) „Блицкриг“ на европскиот шампион: Ливерпул за две минути даде два гола во Салцбург

Актуелниот европски шампион Ливерпул дојде до убедлива предност на гостувањето кај Салцбург во последното коло од групната фаза од Лигата на шампионите.

Со евентуалниот пораз во Салцбург вечерва, Ливерпул ризикуваше да остане без пласман во осминафиналето. Домаќините во првото полувреме играа одлично и имаа неколку шанси за да го загрозат европскиот првак, но во второто полувреме работите си дојдоа на свое место.

Избраниците на Јирген Клоп со „блицкриг“ во рок од две минути постигнаа два гола и практично го решија мечот, иако се уште ништо не е готово, со оглед на тоа дека Салцбург на натпреварот на „Енфилд Роуд“ успеа да анулира негатива од три гола.

Кеита на асистенција на Садио Мане го доведе Ливерпул во водство во 57. минута од мечот.

Само една минута подоцна Салах успеа да стигне до една топка пред голманот на домаќините, успеа да го помине и потоа од практично мртов агол да ја смести топката во мрежата за 0:2.