(ВИДЕО) Барса без Меси го помина Сосиедад и ќе се бори за трофеј

Првпат по 2019 година, Барселона ќе има можност да се бори за пехар во некое натпреварување, па макар и она кое најмалку се цени – Суперкупот на Шпанија.

Со оглед на тоа што од лани се игра турнирски систем, Барселона во полуфиналето се сретна со Сосиедад. По 120 минути игра беше 1-1 откако „каталонците“ поведоа преку Де Јонг, а противникот израмни од пенал преку Ојарзабал. Интересно е тоа што овие двајца, плус Гризман кој му асистираше на Де Јонг, промашија во пенал-серијата. Херој беше Тер Штеген кој одбрани два пенала, а го прочита и ударот на Вилијан Жозе кој ја погоди стативата.

За Барса прецизни беа Дембеле и Пјаниќ, а за Сосиедад, Мерино и Јанузај пред Пуиџ во петтата серија да го однесе својот тим во финалето.

Ривал на Барселона таму ќе ѝ биде подобриот од дуелот меѓу Реал и Атлетик Билбао кој се игра утре.