(ВИДЕО) Арсенал го декласираше Норич, Евертон ја продолжува кризата на Лестер

Фудбалерите на Арсенал денеска на свој терен го совладаа Норич со убедливи 4:0 во мечот од 32 коло во Премиер лигата.

Арсенал во водство дојде во 33. минута кога Тим Крул направи неверојатна грешка која ја искористи Обамејанг. Само четири минути подоцна резултатот беше 2:0, а овој пат гол за домаќините постигна Гранит Џака.

Домашниот тим кон средината на второто полувреме дојде и до третиот гол. Играчите на Норич повторно направија катастрофална грешка, а на вистинско место повторно беше Обамејанг кој погоди за 3:0.

Точка на натпреварот стави Седрик Соареш во 81 минута, кој ги постави конечните 4:0 неколку минути откако влезе во игра.

Арсенал со оваа победа дојде до седмото место и има 46 бода, додека Норич е закован за дното со само 21 бод.

До трите бода дојде и Евертон кој на свој терен славеше против Лестер. „Лисиците“ очигледно се во криза, бидејќи се уште немаат победа по враќањето на Премиер лигата, а веќе и нивното трето место на табелата е загрозено, бидејќи сега има шанса да ги прескокне уште вечерва, а Манчестер Јунајтед и Вулверхемптон им се приближија на само три бода. Со ова трката за Лигата на шампионите повторно станува возбудлива.

Кога станува збор за самиот натпревар, домаќините со головите на Ришарлисон и Сигурдсон успеаја да дојдат до водство од 2:0, додека конечните 2:1 ги постави Ихеаначо.

И Њукасл денеска забележа убедлива победа, декласирајќи го Борнмут. „Страчките“ на гостински терен славеа со 4:1. Головите за победа ги постигнаа Гејл, Лонгстаф, Алмирон и Лазаро, додека утешниот погодок за домаќините го постигна Гослинг.