Верстапен: Лас Вегас е шоу и ништо повеќе

Големата награда на Лас Вегас во Формула 1 шампионатот ќе се одржи за првпат по 35 години пауза. Иако сите очекуваат спектакл, Макс Верстапен, трикратниот светски шампион не е воодушевен.

Холандскиот возач од таборот на Ред Бул, кој веќе ја обезбеди титулата, вели дека Големата награда на Лас Вегас ќе биде ревијална.

„Ова ќе биде 99% шоу и само еден процент трка. Тимовите ќе заработат добри пари без разлика дали тоа ми се допаѓа или не, но нема да се преправам дека се е во ред. Јас го кажувам своето мислење, добро или лошо, таков сум. На некои луѓе им се допаѓа шоуто, но мене воопшто не ми се допаѓа. Пораснав сакајќи да се докажам со тркање.“, изјави Верстапен.

Самата патека има новина со правец долга 6,2 километри што според Холанѓанецот ја прави патеката неинтересна, а младиот возач го критикуваше и тајмингот на нејзиното одржување.

„Воопшто не ми се допаѓа. Многу е заморно, особено на крајот од сезоната. За мене нема смисла“, додаде возачот на Ред Бул.