Вардар со убедлив пораз од Војводина, но го избегна Веспрем

Екипата на Вардар во рамки на СЕХА лигата доживеа убедлив пораз на гостувањето во Нов Сад од екипата на Војводина со резултат од 33-24.

Уште пред почетокот на мечот беше јасно дека составот од соседна Србија ќе ја има улогата на фаворит благодарение на составот со кој Вардар отпатува.

Како што е познато поради репрезентативни обврски голем дел од првотимците изостанаа, а товарот го понесоа само Дибиров, Дисингер, Јотиќ, Калараш и Векиќ, но немаа сила за добар резултат.

Тимиру Дибиров очекувано со 9 гола беше прво име кај „црвено-црните“, додека Калараш придодаде седум.

Со овој пораз Вардар избега дуел во четвртфиналето со Веспрем, па така нокаут-рундата ќе ја започне со осминафиналето каде веројатно силите ќе ги одмери со Металопластика, а доколку го помине ќе следи пресметка со ППД Загреб.