Вардар со спектакуларен пресврт против Еурофарм Пелистер до трофеј во Купот

Екипата на Вардар успеа да дојде до титулата во Купот на Македонија, откако во спектакуларен натпревар и исклучително драматичен финиш во салата „Јасмин“ во Кавадарци успеа да го совлада Еурофарм Пелистер со 23:22.

Вардар имаше негатива и од пет гола разлика во еден момент од натпреварот, а на полувремето резултатот гласеше 8:12 во корист на битолчани. Сепак, и покрај тоа што не можеа да сметаат на Куни Моралес, избраниците на Давид Дејвис успеаја да се издигнат над проблемите, да ги консолидираат своите редови и во финишот да дојдат до пресврт и минимална победа од 23:22.

На десетина минути до крајот на мечот Вардар успеа да дојде до само два гола негатива, а Талески во 54. минута намали и на еден гол негатива. Битолчани почнаа да грешат, а тоа го казнуваше искусниот состав на Вардар предводен од Стоилов и Дибиров, благодарение на чии голови Вардар израмни на три минути до крајот. Следуваа голмански интервенции на двете страни во драматичниот финип, а на неколку секунди до крајот Филип Талески од десет метри постигна спектакуларен гол за победа и 15-та титула на Вардар во Купот на Македонија.

Талески и Ѓукиќ со по пет гола беа најефикасни кај Вардар, додека Периќ и Граџан постигнаа по пет за Еурофарм Пелистер.