Вардар се бореше, но на крајот загуби во драматичен меч против Мешков Брест

Екипата на Вардар со пораз ја започнува новата сезона во Лигата на шампионите откако на гостувањето кај Мешков Брест загуби со 24:22.

Се уште актуелниот европски првак одигра добар натпревар, покажа цврст карактер, се надигруваше со домаќинот, но во неизвесната и драматична завршница избраниците на Стевче Алушовски сепак загубија.

Вардарци од стартот, па се до 40-тата минута на натпреварот имаше негатива од два гола, но тогаш успеа да дојде до израмнување од 15:15, по што прејде во водство. Но, Вардар не успеа да ја задржи предноста, домаќините притиснаа и на крајот успеаја да слават со 24:22.

Првото полувреме не се одвиваше баш најдобро за „Црвено-црните“ кои освен израмнувањето на 5:5, не успеаја посериозно да го спречат ривалот во нападот. Белорусите влегоа во ритам во втората половина од првиот дел, а при резултат 10:7 Алушовски побара тајм-аут, а веднаш потоа Чупиќ промаши зицер и Мешков замина на плус четири. Вујин со два гола успеа да ја преполови негативата на Вардар, но Мешков заигра подобро во завршницата и на полувреме се замина со 12:10.

Во второто полувреме Мешков отовори со два брзи гола, но Вардар се врати. Ристовски со еден одбранет зицер ја врати атмосферата кај соиграчите, па по двата реализирани пенали на Чупиќ, Вардарци дојдоа до 15:15. Одбраната на Вардар во тие моменти беше на ниво на задачата, а со голот на Дибиров Вардар дојде до водство. Мешков загуби уште една топка, а Дисингер ја искористи за прво водство на Вардар од два гола на натпреварот. Сепак, следуваше грешка во измена и две минути, нашиот шампион го загуби ритамот, па Белорусите израмнија на 17:17.

Но, Вардар пак одигра одлични неколку минути, успеа повторно да поведе со два гола разлика, но повторно домаќините се вратија и во последните пет минути се влезе со 21:21. Вардар имаше предност и од 21:22, а Мешков во 57 минута израмни на 22:22. Во клучните моменти домаќините делуваа подобро во одбраната и на крајот заслужено славеа со 24:22.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Вујин со шест погодоци, а четири имаше Дисингер. Во следното коло Вардар игра против екипата на Елверум на домашен терен.