Вардарци со победа и рекорд сакаат да го завршат регуларниот дел од СЕХА лигата

230

Регуларниот дел од СЕХА лигата за Вардар завршува утре со последниот меч против Нексе (17:45 чaсот, СЦ „Јане Сандански”). „Црвено-црните“ се први на табелата и одамна имаат обезбедено место на Ф4 турнирот што ќе се одржи во Скопје од 13 до 15 април.

Пред Вардар сега е нов предизвик, со победа против хрватскиот вицепрвак ќе биде тим што успеал да ја заврши сезоната со најмногу бодови досега во историјата на СЕХА лигата и со најмногу победи. Досегашниот рекорд го имаше Веспрем, со 16 победи и две ремија.

Вардар досега има одиграно 17 натпревари и 16 победи и едно реми. „Црвено-црните” се лидери со 49 бода, а Нексе е на 8. место на табелата со 9 бода.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез, тврди дека играчите имаат мотиви за натпреварот со Нексе кој нема никакво резултатско значење.

„Имаме мотивација да ја завршиме сезоната со победа. Фаворити сме, но мора тоа да го потврдиме на терен. Нексе е квалитетна екипа која во минатото знаела да ги изненади фаворити. Ние во пресрет на овој меч мора да ја поправиме одбраната, која во последниот период не е на очекуваното ниво“.

Младиот ракометар на Вардар, Мартин Поповски, истакна дека кај играчите постои мал замор, меѓутоа желбата за победа е поголема.

„Малку сме изморени од последните две гостувања во Србија, но тоа мора да го пребродиме. Имаме голем мотив за да завршиме без пораз на крајот од групната фаза што е секако голем успех за нас во оваа СЕХА-лига. После дуелот против Нексе ни претстои мал одмор, а потоа сите мисли ќе ги насочиме кон завршниот турнир од СЕХА во Скопје. Примарна цел ни е да ја одбраниме титулата на Ф4 турнирот на кој сме домаќини“.