Вардар не признава шампиони, пак го растури Пелистер

Откако пред 11 дена го победи Пелистер во Суперкупот, Вардар и вечерва беше подобар од својот најголем ривал, совладувајќи го на домашен терен со 30-25.

Дербито беше од првото коло на ракометната Суперлига, но се играше вечерва поради обврските на Пелистер во Лигата на шампионите. Сепак, на актуелниот шампион тоа не му помогна и го претрпе третиот пораз во третиот официјален натпревар оваа сезона.

Вардар водеше во текот на сите 60 минути и заслужено дојде до новата победа. Отвори со 6-1, подоцна имаше 8-3, Пелистер успеа да намали на 6-8, но на голем одмор се замина со +3 за домашниот тим (15-12). Во 36 минута, Вардар ја достигна највисоката предност (19-13), откако од крило погоди Срдановиќ, а Томовски одбрани зицер на противникот.Пелистер успеа да сврзе неколку гола во серија и да намали на 21-18, што беше знак за Стоилов да побара минута одмор. На помалку од девет минути игра, Вардар имаше предност од три гола разлика, но го го имаше и расположениот Николиќ кој го „решеташе“ голот на Пелистер, па брзо стигна до 28-23 на четири минути пред крајот. Со 13. одбрана на Томовски, можеше да почне големото славје на трибините на „Јане Сандански“.

Најефикасни кај Вардар беа Лазаревски и Срдановиќ со по 6 голови, Томовски одбрани 13 топки, вклучувајќи четири пенали. Голманите на Пелистер го немаа очекуваниот придонес, сите тројца заедно одбранија осум шута, а најефикасен беше Горбан со 5 гола.