Вардар нагости кај Мотор: Георгиевски очекува со позитивен резултат да го затворат февруари

По втората остварена победа во групата од ЛШ, Вардар вечерва има нов предизвик, овој пат во СЕХА првенството.

Гостуваат кај Мотор Запорожје, па ќе сакаат со уште една победа да го затворат поглавјето во февруари и на позитивен начин да гледаат за следните предизвици.

Гоце Георгиевски истакна дека сметаат на добар резултат на ова гостување.

„Овој период беше тежок за нас. Ни следува пат кон Запорожје каде ќе одиграме меч со Мотор. Тие се екипа која доста трчаат на терен, постигнуваат многу голови. Треба добро да се подготвиме за оваа средба, бидејки секој триумф ни носи дополнителна самодоверба, се надеваме дека ќе направиме позитивен резултат“, истакна Георгиевски.

Според обложувалниците, фаворит на оваа средба е Мотор Запорожје. Мечот се игра од 20:15 вечерва.

Вториот македонски претставник во СЕХА лигата, Еурофарм Металург исто така игра денеска од 17:45 часот, во Битола го пречекуваат тимот на Татран Прешов.