Вардар на коло пред крајот ја завери титулата

247

Со триумфот над Пролет од 38:25 (16:13) Вардар го одбрани тронот во првенството на Македонија, и дојде до 12-тата титула во клупската историја.

На едно коло до крај на плеј-офот Вардар има предност во однос Металург, и без оглед на исходот од последното коло Вардарци остануваат прваци на Македонија.

За „Црвено-црните” ова е четврти првенствен трофеј по ред, со што го израмнија клупскиот рекорд од четири последователни титули. Вардар е единствениот тим во Македонија што во два наврати има по четири титули по ред. Првата шампионска серија ја имаше во периодот од 2000 до 2004 година. Сега од 2014 до 2018 година во првенството на Македонија повторно се беше во знакот на избраниците на Раул Гонзалез.

Само во првото полувреме од натпреварот со Пролет гостите успеаја да дадат отпор, со оглед на тоа дека Вардар имаше само три гола предност на полувреме, 16:13. Во вториот дел, Вардар полека ја презема иницијативата и резултатот полека се зголемуваше, за на крајот да слави убедлива победа од 38:25.

Ова беше последна контрола за Вардар пред настапот во Купот на Македонија каде во петок во Битола во полуфиналето Вардар се среќава со Пелистер, што пак, ќе биде подготовка за врвот на сезоната и настапот на фајнал-фор турнирот од Лигата на шампионите, кој на 26 и 27 мај се игра во Келн.