Вардар како на лента, втора победа за два дена

СЕХА шампионот, Вардар успеа да стигне до нов триумф во регионалното натпреварување откако вечерва во С.Ц. Јане Сандански ја победи екипата на Војводина со 26-23.

Вардар го одигра овој меч без неколку важни играчи, недостасуваа Дисингер, Горбок, Стоилов, Атман, Горпишин и подолго отсутниот Толедо, некои поради повреди, некои поради одмор бидејќи „црвено-црните“ само 24 часа порано играа со Мешков Брест во Лигата на шампионите. За проблемите да бидат поголеми уште во првата минута од дуелот се повреди и Кристопанс кој мораше да ја напушти играта, откако го свитка десниот скочен зглоб. Кокшаров беше принуден на десната бековска позиција да игра со Чупиќ, додека на левата играше Кукуловски.

Војводина се држеше во првото полувреме, во второто и водеше со 14-15, но по 18-18, Вардар направи серија од 7-3 и дојде до петтата победа во шестиот натпревар од СЕХА лигата. Кугис беше солиден на голот со 11 одбрани. Скубе постигна 7, Димитриоски 6, додека Чупиќ 5 голови.